Арифи: Правда нема да има

0

Пишува: Беса Арифи, Вонреден професор на Универзитетот на Југо-Источна Европа

Македонија доживеа да го види крајот на спорот за името со Грција. Договорот од Преспа помина во двете држави и сега официјално зборуваме за веќе достижната можност да бидеме членка на НАТО. За во ЕУ ќе почекаме и не знам дали ќе дочекаме. Бидејќи за таму ни треба ефективно владеење на правото, а тоа уште го немаме. И нема да го имаме во блиска иднина.

Една работа е јасна, цената за да помине Договорот од Преспа беше превисока. И тука не зборувам за некаков етнички идентитет кој всушност овој договор воопшто не го засега. Зборувам за тоа што Тричковски го нарекува идентитет темелен на правото. Тој идентитет кој требаше да не соедини сите пред олтарот на Јустиција. Треба да бидеме навистина загрижени бидејќи тој идентитет го изгубивме и нема да можеме повторно да го градиме во скорешна иднина. Цената на Договорот од Преспа беше да не се воспостави правда и кривична одговорност за високите фунцкионери кои се огрешиле во изминативе години а кои ги гони или ги гонеше СЈО. Кон оваа оска се вртат сите обиди за реформи во правосудството во оваа држава. Бидејќи реформите не се прават само на хартија. Ние може да пишуваме најубави закони за кои ќе добиеме најпозитивни стручни мислења од Венецијанската комисија, но сепак, не верувам дека целта на сите нас што во целиот изминат период баравме правда беше да се напишат подобри закони. Целта беше да ги видиме тие закони да се спроведат. Целта беше да го видиме СЈО да ги заврши своите случаи и да докаже кој и зошто незаконски прислушувал повеќе од 20.000 граѓани и во тој процес извршил и низа други кривич ни дела.

Врховниот суд вчера донесе одлука која повеќе личи на автентично толкување донесено во Собрание или на одлука на Уставен суд. Во општа седница речиси едногласно врховните судии одлучија дека после истекот на 18 месеци од денот на примањето на нелегално прислушуваните материјали, СЈО не може да отвори нови истраги. Неколку пати сум се осврнала на членот 22 на Законот за СЈО кој одредува дека оваа институција има 18 месеци да покрене обвиненија за сите кривични дела за кои е надлежна и сум истакнала дека тој член е проблематичен, нереален и неуставен. Кога се работи за гоненње на криминалот, воспоставените рокови се факултативни а не преклузивни. Целта на обвинителството како орган на правостудството е да гони сторители на кривични дела. Ако предвидениот рок за покренување на обвинение истече а сепак има докази дека е сторено кривично дело, обвинителот, било да е редовен или специјален, е должен според начелото на легалитет да го гони тоа дело, и нема рок кој може да го спречи во извршувањето на таа уставна и законска функција. Меѓутоа Врховниот суд не го дели ова мислење и затоа ја донесе вчерашната одлука.

Во врска со членот 22 на Законот за СЈО Собранието требаше да донесе автентично толкување. Законот за СЈО е донесен во Собрание и само таму може да се толкува спектарот на надлежноста на ова институција. Дотолку повеќе, за противуставниот дел на членот 22 требаше да се произнесе Уставниот суд а не Врховниот суд. И Јавниот обвинител на Македонија имаше изјава дека Врховниот суд не е надлежен да донесе ваква одлука, туку истата треба да реши предмети кои се во тек. Секако дека според Законот за судовите Врохвниот суд има право да донесе начелни ставови и начелни правни мислења меѓу другото и според иницијативи на адвокати, но целта на тој член од Законот за судови е да се воедначи судската пракса за конкретни случаи а не да се навлезе во надлежноста на други институции. За надлежностите на СЈО може да одлучи единствено Собранието преку автентично толкување или измени во законите или Уставниот суд преку оценување на уставноста на законските решенија.

По се изгледа дека предмет на политички договор било ова клучна одлука за работата на СЈО да помине на Врховен суд и главната вина да ја носи Јово Вангеловски како реликт на минатиот режим на чело на оваа институција. Меѓутоа, ако се гледа приличната едногласност при донесувањето на таа одлука, повеќе од јасно е дека ова не е работа само на Вангеловски туку оди многу подалеку од тоа.

Со ова одлука на СЈО и се одзема можноста да ги истражува понатаму случаите како „Империја“, „Пациент“, „Попис“, итн. За сега, инволвираните во овие случаи може да здивнат, додека тие случаи не преминат во редовното Основно јавно обвинителство (ОЈО). Доколку погоре споменатиот политички договор навистина се случил, тешко дека овие случаи ќе видат ефективна судска разрешница. Уште сега се слушаат разни гласини дека ако овие случаи преминуваат во ОЈО, таму „бомбите“ нема да можат да се употребат како доказ. Бидејќи ексклузивна надлежност да ги употреби „бомбите“ како доказ имало само СЈО. Така, кога треба на СЈО и се одзема надлежноста, а кога треба и зе дава ексклузивна надлежност! Ова е најапсурдната работа која сум ја слушнала во последно време. Со одлука на Апелациониот суд во Скопје а и според целата пракса на Европскиот суд за човекови права, незаконски прислушуваните материјали се доказ во судска постапка, без разлика кој обвинител ги изнесува, редовен или специјален. Не може ист доказ да може да биде изнесен од едно а да не може да биде изнесен од друго јавно обвинителство. Повеќе од јасно е дека овие конфузии се создаваат со цел да се оневозможи употребата на „бомбите“ особено таму каде тие се доказ кој е клучен да ги поврзува извршените противправни дејствија со незаконско снимените разговори.

Така, главната цел на тој политички договор по се изгледа е да не се носи кривична одговорност ниту за „Империја“, ниту за „Пациент“ ниту за „Попис“. Кога на ова го додавате фактот што Груевски избега а главниот предмет на СЈО „Таргет“ каде главен обвинет е Мијалков никако да напредува, а за случајот 27 Април имаше Закон за амнестија, повеќе од јасно е дека ниту еден висок државен функсионер ниту од минатата ниту од сегашната власт нема да одговоара во ниту една блиска иднина.

По се изгледа правда нема да има.