Службеници кои се посомневале за „Тополки“ на Анѓушеви завршиле зад решетки!

0

Игра со датуми и трка со време околу одлуката фирмата „Тополки“ со непосредна спогодба со Владата да добие во закуп над 9 илјади метри квадратни градежно државно земјиште за да гради хидроцентрала. Владината одлука е донесена на 11 – ти јуни годинава. Објавена е во Службен Весник десет дена подоцна или на 21 – ви јуни.

Но, само пет дена потоа, според документот што Алсат го има во посед, министерството за транспорт и врски од Државното правобранителство бара мислење за тоа дали евенатуално има пречки за долготраен закуп на земјиште на фирмата „Тополки“ каде управител е Тодор Анѓушев, брат на вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Документ на Министерство за транспорт и врски:

„По однос на Нацрт – Решение и Нацрт – Договор за долготраен закуп на градежно земјиште во сопственост на Република Македонија со непосредна спогодба, односно да се произнесете дали постојат правни пречки за давање под закуп на предметното градежно земјиште“

Документот од министерството е потпишан од службеничката Анета Јорданова а го изработил Дејан Митески. Имињата во јавноста не значат ништо. Но само два дена откако испратиле барање од државното правобранителство да провери дали има пречки браќата Анѓушеви да закупат земјиште, Митески и Јорданова се уапсени во случајот „Шпански скали“.

На 28 јуни обвинителството и полицијата приведоа 11 лица, а меѓу нив и двајцата службеници од транспорт и врски. Случајно или не, акцијата се случува само 48 часа откако, тие побарале да се провери дали има пречки „Тополки“ да закупи државно земјиште. Според податоците од Централниот регистер на компанијата „Тополки“ управител е Тодор Анѓушев. „Тополки“ пак, е во сопственост на Хидро Холдинг, а содружник во сопственоста е и фирмата „Феро Инвест“. Газди на „Феро Инвест“ се Кочо Анѓушев, брат му Тодор и уште едно лице.

Постапката за закуп на земја во село Дреново за Анѓушеви да градат хидроцентрала ја проверува и Антикорупциска. Се истражува дали има судир на интереси, зашто Тодор е управител, а Кочо Анѓушев дел од газдите на „Тополки“ и вицепремиер за економија. Иако случајот е во тек, владата не почека мислење од Антикорупциска и донесе одлука да го даде под закуп земјиштето или 32 парцели со вкупна површина од над 9 илјади метри квадратни во Тиквешијата.