„Сѐ ќе биде ОК“! Гласот на Јанева за првпат на аудио снимка поврзана со „Рекет“

0

Орце Камчев: Кажи

Боки 13Еј што правиш

Орце Камчев: Ништо бе еве, по дома

Боки 13Добро, имаш поздрав од женава

Орце Камчев: Фала, поздрави ја

Боки 13: И јас завршувам, па можам да пројдам.

Орце Камчев: За колку време пошо имам кај мене нешто таму

Катица Јанева:  Не се секирај за ништо, се ќе биде ок.

Орце Камчев: Ок, ок, нема проблем, нема проблем.

По најавата за нови шокантни детали за случајот „Рекет“, денеска италијанскиот весник „Ла Верита“ објави аудио снимка во која се слуша и гласот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

Јанева во писмена реакција преку сајтот на СЈО ја потврди автентичноста на разговорот. Вели дека како обвинител има обврска да разговара со осомничените во предметите, но негира инволвираност во рекетирањето.

Катица Јанева – специјална јавна обвинителка:

„Како  Специјален јавен обвинител моја обврска е да контактирам со сите осомничени како и со други лица во врска со кривичните постапки кои се водат во ова Јавно обвинителство и од сите нив да се обидам да извлечам што поголем број на инфорамции како би ја подобрила позицијата во контекст на осомничените за секоја истрага/предмет поединечно. Сум разговарала за зголемување на степенот на соработка со осомничените, за откривање на нови сознанија во корист на истрагата, поточно, за подобрување на нашите позиции како јавни обвинители, но во никој случај и во ниеден момент не сум тргувала со никакво влијание, не сум ја злоупотребила својата функција и не сум постапувала спротивно на законот. Обвинител е секогаш обвинител, па и кога разговара со осомничени по телефон, а за ваква изјава во тој момент имаше оправдана причина.“

Јанева повикува што побрзо да се заврши истрагата за „Рекет“, за, како што вели да и се обели нејзиното име. Веднаш по неа, реагираше обвинителката Лиле Стефанова. Неа во еден од разговорите ја споменува Камчев кој го прашува Боки 13 дали таа е „во игра“ бидејќи преку бизнисменот Ванчо Чифлиганец барала дуќан за стоматолошка ординација, но на снимката нема никаков одговор од Јовановски на прашањето што го поставува Камчев. Стефанова тврди дека Камчев ја споменува за да ја копромитира нејзината обвинителска улога. Тврди дека иако не се согласувала, решенија за замена на притворот со полесни мерки ги потпишувала нејзината шефица Катица Јанева.  Стефанова оди и чекор понатаму, па ја обвинува Јанева дека барала два предметa, Империја и Поштенска Банка да се затворат само со паричен надомест кон државата, а не и со затворски казни.

Лиле Стефанова – обвинител од СЈО:

„На 16 април 2019 година, во канцеларијата на Катица Јанева беше одржан состанок на кој таа изнесе одредени одлуки пред присутните обвинители, а кои се однесуваа на дејствија во предметите „Империја“ и „Поштенска банка“. Конкретно, нѝ беше наложено, најдоцна до 06 мај 2019 година, до неа да доставиме писмени извештаи за штетата во двата предмета кои осомничените траба да ја платат на државата, по што предметите „да бидат тука затворени“ и осомничените „да не одат во затвор“. Меѓутоа, јас и обвинителот Бурим Рустеми изготвивме писмени извештаи во кои покрај износите на штетата, ги наведовме и  можните затворски казни согласно Кривичниот законик во случај на спогодување со јавниот обвинител. Дополнително, за предметот „Империја“ потенцирав дека е во многу рана фаза за евентуално спогодување и дека истрагата треба да продолжи во следниот период.“

И бизнисменот Чифлиганец го демантираше Камчев. Вели дека никогаш со него не разговарал за да и даде дуќан за стоматолошка ординација.

Материјалите кои ги објавува весникот „Ла Верита“, како што соопшти Јавното обвинителство, се дел од доказната постапка и до нив ги доставил сведокот Орце Камчев. И покрај годишните одмори, оттаму велат дека истрагата се одвива непречено.

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески денеска за неколку медиуми изјави дека никој нема да биде поштеден и дека и Јанева и Стефанова ќе бидат сослушани и испитани во истражната постапка која се уште е во тек. Редовното обвинителство во истрагата „Рекет“ и ги одзема мобилните телефони на Јанева, но освен притворените Боки 13 и Зоки Кичеец, друг осомничен за рекетирањето сѐ уште нема.